Екипата на Мемфис Гризлис уште еднаш докажа дека третото место на табелата во Западната конференција не е случајност и дека има исклучително потентен напад оваа сезона.
На домашен терен, Мемфис го прегази Торонто со 155-126 притоа поставувајќи два рекорда. Постигнатите 155 поени се рекорд на една екипа во НБА лигата оваа сезона, но и рекорд на франшизата која постои од 1994 година и почна во Ванкувер за подоцна да се пресели во Мемфис.
Синоќешната победа беше трета на последните четири натпревари на Гризлис, а Торонто го претрпе деветтиот пораз во низа и сега има биланс 1/14 на гостински терен оваа сезона. И покрај тоа што тимот постигна 155 поени, ниеден играч на Мемфис не отиде над 21 на своето конто. Најефикасен беше Зек Еди кој додаде и 16 скока, Бејн застана на 19, а Велс на 17. Кај Торонто, а воедно и на натпреварот, најефикасен беше Берет со 27 поени.
Една од главните причини за победата на Мемфис е одличниот офанзивен скок, имајќи предвид дека домашните кошаркари прифатија 24 топки по противничкиот кош од што реализираа 33 поени од втора шанса. Торонто го заврши натпреварот без својот тренер затоа што Дарко Рајаковиќ на почетокот од последната четвртина жестоко реагираше кај судиите поради што доби две технички грешки и беше испратен во соблекувална.
РЕЗУЛТАТИ
Индијана – Оклахома 114-120
Орландо – Мајами 88-89
Вашингтон – Шарлот 113-110
Атланта – Чикаго 141-133
Мемфис – Торонто 155-126
Милвоки – Бруклин 105-111
Њу Орлеанс – Хјустон 111-128
Портланд – Јута 122-120
Сакраменто – Детроит 113-114


