Актуелниот шампион Бостон Селтикс е се подалеку од првото место во Источната конференција по серијата лоши резултати.
Најтрофејниот тим во НБА ноќеска го доживеа третиот пораз во последните четири меча откако на домашен терен загуби од Индијана со 114-123. Клучен момент на средбата беше серијата од 13-0 на Индијана во последната четвртина по која гостите отидоа на 118-103.
Дека победата на Пејсерс е апсолутно заслужена, најдобро зборува фактот што од средината на втората четвртина тие беа во водство и го диктираа темпото и покрај тоа што Бостон на моменти знаеше да се доближи и да ја врати драматиката. Мора да се истакне и катастрофалниот шут на Бостон и инсистирањето на тројки бидејќи домашните кошаркари имаа дури 54 обиди од дистанца, а промашија 38 од нив.
Халибартон ја предводеше Индијана со 31 поен, но на крајот се се сведе на тимската игра бидејќи Бостон имаше тројца од најдобрите четворица стрелци, а сепак не успеа да триумфира. Џејлен Браун исто така заврши со 31 поен, Тејтум додааде 22, а Причард 21. Сега Бостон има дури пет порази повеќе од лидерот на Истокот, Кливленд, со натпревар плус.
РЕЗУЛТАТИ
Минесота – Сан Антонио 112-110
Хјустон – Мајами 100-104
Оклахома – Мемфис 130-106
Бостон – Индијана 114-123
Торонто – Атланта 107-136
Орландо – Бруклин 102-101


