Непосредно пред крајот на 2024 година, трофејниот македонски стручњак Дарко Радуловиќ ја прекина соработката со косовскиот прволигаш Башкими.
Како што објави клубот, до раскин на договорот дошло на обострано задоволство, а Радуловиќ го остави Башкими на второто место на табелата што е значаен напредок во однос на минатата сезона кога се бореше за опстанок. Имаше фантастичен старт на првенството во кое ги победи актуелниот шампион Трепча и најтрофејниот тим на Косово, Приштина, но потоа тимот влезе во мала криза поради која ја загуби челната позиција.
Во последните четири кола екипата доживеа три порази, па Трепча го искористи тоа за да го преземе врвот. Сепак, со биланс 9/5, Башкими ја заврши првата полусезона на второто место, со значајни изгледи таму да остане и на крајот од основниот дел што би му обезбедило директен пласман во полуфиналето од плејофот.


