Суперѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс вчера го прослави 40. роденден и во својата порака до фановите порача дека е способен да остане уште долго време во кошарката како активен играч.
Тој влезе во НБА во 2003 година и ја игра 22. сезона, а досега собори низа рекорди кои тешко дека некогаш ќе бидат достигнати. Во својата кариера играше за Кливленд, Мајами и Лос Анџелес Лејкерс, освои четири шампионски титули, а дури и на почетокот од петтата деценија од животот не планира да застане.
„Да бидам искрен, можеби ќе звучи чудно, но ако сакам можам да играм уште 5-7 години на високо ниво. Нема да го направам тоа“, порача, меѓу другото, Леброн.
Иако физички се уште е одлично подготвен, тој веќе петта година не успева со Лејкерс да се вмеша во борбата за титулата во НБА. Последниот трофеј го освои во 2020 година во мошне чудни околности, во период кога целиот свет се бореше со корона пандемијата.


