Чикаго Булс денеска објави дека идната сезона ќе го повлече од употреба дресот со број 1 во чест на Дерик Роуз кој осум години беше член на франшизата од Илиноис.
Роуз ќе биде петтиот кошаркар во историјата на Булс кој ќе добие ваква почест, а пред таквата одлука, долго време расправал менаџментот. Дилемата била дали предност да добие Роуз или Тони Кукоч за на крајот да биде одлучено, сепак, прво да се повлече бројот на поранешниот плејмејкер.
Ако се споредат кариерите на двајцата кошаркари, многу поголем придонес за развојот и славата на Булс има Тони Кукоч кој беше член на оваа екипа од 1993 до 2000 година и во тој период учествуваше во освојувањето на три од вкупно шесте титули во историјата на Чикаго. Во тој период одигра вкупно 436 натпревари и просечно постигнуваше по 14,1 поен, 4,8 скока и 4,2 асистенции, а еднаш беше прогласен и за најдобар шести играч во лигата.
Од 2017 година Кукоч е член и на Куќата на славните на НБА, па и покрај тоа што предност во овој случај доби Роуз, прашање е само на време кога хрватскиот ас ќе добие иста почест и кога од употреба ќе биде повлечена неговата „седумка“.


