Само 24 часа откако Сан Антонио славеше во Денвер, а Јокиќ беше трагичар, тимот од Колорадо со својата прва ѕвезда се одмазди на теренот во Тексас.
Во втората меѓусебна пресметка во низа на овие две екипи, како гостин славеше Денвер со 122-111 по продолжение, на крилјата на Јокиќ кој одлучи да се „извади“ за претходниот кикс. Србинот повторно беше на чекор од трипл дабл, постигнувајќи 46 поени, 10 асистенции и 9 скока, надигрувајќи го Виктор Вембанјама кој, исто така, имаше забележителен меч.
Сан Антонио водеше со седум разлика во последната четвртина (96-89), но Денвер најде сили во финишот за да се врати од негативата, па дури и дојде до шанса за победа по основниот дел од мечот. Кошот за израмнување и продолжение го постигна Васел на 14 секунди пред крајот, но во дополнителните пет минути постоеше само Денвер кој со 14-3 дојде до победата.
Покрај Јокиќ, кај Денвер се истакна и Портер со 28 поени и 10 скока, додека најефикасен кај Сан Антонио беше Барнс со 22 поена. Вембанјама го заврши мечот со 20 поени и 23 скока.
РЕЗУЛТАТИ
Бруклин – Филаделфија 94-123
Детроит – Минесота 119-105
Индијана – Феникс 126-108
Чикаго – Њујорк 139-126
Мајами – Јута 100-136
Сан Антонио – Денвер 111-122
Голден стејт – Мемфис 121-113
ЛА Клиперс – Атланта 131-105


