Српскиот прволигаш Џокер во последен момент влезе во АБА 2 лигата како замена за Вршац и како дебитант во ова натпреварување, заедно со Војводина, беше најдобар тим во првата фаза со биланс 5/1.
Со тој ефект, клубот од Сомбор беше првопласиран во групата во која се наоѓаше и Пелистер, но медиумите од Србија најавуваат дека менаџментот на Џокер сериозно размислува да истапи од АБА 2 лигата, на десетина дена пред стартот на вториот сегмент. Причините за ваквото размислување не се познати, но ако ова се оствари, ќе биде уште еден циркус во ова натпреварување, по она на Вршац кој на неполна пред првиот меч одлучи да го откаже своето учество.
Одлуката на Џокер уште не е конечна, но секако треба да биде донесена до крајот на оваа недела бидејќи на 21 јануари овој тим треба да го пречека Златибор во првото коло од втората фаза. Ако се откаже, неговото место најверојатно ќе го пополни Подгорица која беше третопласирана во групата Ц.
Кошаркарскиот клуб Џокер е во сопственост на семејството на Никола Јокиќ, но непознато е дали суперѕвездата на Денвер имал улога во разгледувањето на оваа опција.


