Најдобриот тим во НБА лигата се уште нема пораз во 2025 година, а последен пат е совладан на 9 декември.
На дуелот со Торонто одигран ноќеска, Кавс ја остварија 12. победа во низа, совладувајќи го Торонто со 132-126 иако до триумфот стигнаа потешко од очекувањата. Репторс водеа по три четвртини со 103-98, но во последните 12 минути домашниот тим ги намести работите на свое место и не дозволи изненадување. На минута пред крајот Торонто се доближи на еден кош разлика, но Гарланд погоди тројка и во пенал-завршницата Кливленд отиде на +8 што беше доволно за триумф.
Гарланд беше убедливо најдобар играч на мечот со 40 поени и 9 асистенции, Мобли додаде 21 поен, 11 скока и 6 асистенции, а Леверт и Ален постигнаа по 18 поени. Кај Торонто се истакна Скоти Барнс со 24 поени, 10 скока и 8 асистенции.
Сега Кливленд има шест победи предност во однос на второпласираниот Бостон, но до крајот на основниот дел од сезоната има уште 45 натпревари.
РЕЗУЛТАТИ
Кливленд – Торонто 132-126
Детроит – Голден Стејт 104-107
Орландо – Минесота 89-104
Далас – Портланд 117-111
Мемфис – Хјустон 115-119
Феникс – Атланта 123-115
Јута – Мајами 92-97


