Екипата на Атланта оствари победа и на второто гостување оваа сезона кај Бостон и покажа дека не му лежи многу на актуелниот НБА шампион.
Во ноември славеше со 117-116, а ноќеска дојде до триумф од 119-115 по голема борба и продолжение. Со тоа му го нанесе 13. пораз сезонава на бранителот на титулата кој веќе има големо заостанување во однос на најдобриот тим на Истокот, Кливленд.
Дуелот во Масачусетс имаше интересен тек и го одбележаа големите пресврти. Бостон по првата четвртина водеше со 33-21 за Атланта тотално да се врати во игра откако вториот период го доби со 31-15. Во третиот квартал повторно Бостон дојде до предност, во финалните 12 минути имаше и +10, но Атланта најде сили за нов пресврт и со слободните фрлања на Тре Јанг на четири секунди пред крајот се избори за продолжение. Во дополнителните пет минути повторно двете екипи неколку пати се сменија во водство пред Атланта да го зададе конечниот удар и да дојде до посакуваниот триумф.
Тре Јанг со 28 поени и 11 асистенции беше најдобар поединец на мечот, додека Браун со 24 поени, 11 скока и 8 асистенции го предводеше Бостон.
РЕЗУЛТАТИ
Бостон – Атланта 115-119
Индијана – Филаделфија 115-102
Голден Стејт – Вашингтон 122-114
Минесота – Кливленд 117-124
Портланд – Хјустон 103-125
Детроит – Феникс 121-125


