Иако имаше шпекулации дека за него е заинтересиран Пелистер, хрватскиот центар Роберт Рикиќ одлучи кариерата да ја продолжи во екипата на Цибона.
Минатата недела тој го раскина договорот со косовски Башкими каде играше од почетокот на оваа сезона и се пресели во најтрофејниот хрватски клуб и поранешен европски шампион кој последните години едвај преживува и е далеку од старата слава. Со Рикиќ во екипата, Цибона ќе се обиде да избори опстанок во АБА лигата имајќи предвид дека по 17 одиграни кола се наоѓа на претпоследната позиција на табелата со само две победи.
Интересно е тоа што своето деби во новиот клуб, Рикиќ ќе го забележи утре на дуелот против Партизан, натпревар кој порано беше класика на југословенската кошарка и АБА лигата.
Рикиќ е трер поранешен кошаркар на Работнички во редовите на Цибона. Покрај него, таму се уште Филип Бундовиќ кој го носеше дресот на „центарци“ во сезоната 2020/21, како и тренерот Бариша Красиќ кој играше за најтрофејниот македонски клуб во 2014 година. Разликата со нив е во тоа што Рикиќ во Македонија настапуваше и за Еуро Никел и МЗТ Скопје со кого освои титулата во домашното првенство.


