Претходните недели активно се зборува за можното влегување на НБА во европската кошарка, но на повидок е преземање на НБА франшиза од сопственици на европски клуб.
Во прашање е актуелниот шампион Бостон Селтикс за кого постои голем интерес од газдите на Жалгирис (и Лондон Лајонс), односно компанија Тесонет. Уште минатото лето, по освојувањето на титулата, сопствениците на Селтикс, семејството Гоусбек објави дека ја продава најтрофејната НБА франшиза за која во 2002 година плати 360 милиони долари, а сега се надева на понуда од 6 милијарди.
Неколку конзорциуми и групи бизнисмени се во трката за купување на Селтикс, но се чини дека најголеми шанси има токму ИТ компанијата од Литванија. Претставници на Тесонет имале неколку состаноци со останатите заинтересирани и им било понудени да влезат во зделката, но со 10%.
Проблем е само тоа што според НБА правилата, сопствениците на франшизи не смеат да контролираат други кошаркарски клубови, без разлика на кој континент, а Тесонет има 45% од сопственоста на Жалгирис, како и на Лондон Лајонс. В петок треба да се знае каква е ситуацијата и дали Литванците ќе треба да излезат од европските клубови за да влезат во Бостон Селтикс.


