На четири дена пред крајот на преодниот рок во НБА, реализиран е еден од најспектакуларните трејдови во поновата историја.
Во центарот на вниманието се двете екипи од Западната конференција, актуелниот вицешампион Далас Маверикс и еден од најтрофејните во лигата Лос Анџелес Лејкерс. На изненадување на целата светска кошаркарска јавност, словенечката суперѕвезда Лука Дончиќ е испратен во Лејкерс каде ќе ја продолжи својата кариера, а во спротивна насока заминува Ентони Дејвис.
Тешко е да се каже што во овој случај е поголемо изненадување, дали одлуката на Далас да се откаже од еден од најдобрите играчи во лигата и човекот кој лани го однесе тимот до финалето на НБА или потегот на Лејкерс во трејдот да го вклучи Дејвис кој сезонава конечно експлодира и досега беше убедливо најдобар во редовите на 18-кратниот шампион. Не само што цел свет е во шок по оваа размена, туку и самите кошаркари што е знак дека преговорите се одвивале во најголема тајност и дури и тие двајца не биле информирани што се случува се додека работата не била завршена.
„Ова е веројатно најшокантниот трејд во поновата историја на НБА. Ова никогаш, никој не можеше да го замисли. Дознавам дека никој во двата тима, од играчи до економи не бил информиран што се случува и Лука е шокиран од ова што се случило. Дончиќ има 25 години, тој е суперѕвезда од светски размери и реално сите мислеа дека е недопирлив и дека никогаш нема да биде трејдуван, освен ако самиот не побара. Шокантно е тоа што менаџментот на Далас го предложил овој трејд и притоа точно побарале во него да биде вклучен Дејвис.
Лејкерс никому досега не го понудиле Дејвис, но не можеле да го одбијат Лука Дончиќ. Пикот на кариерата на Словенецот допрва доаѓа, додека Дејвис во моментов игра во најдобра форма. Сето ова на крајот има многу смисла, но сепак е нешто најлудо што можеше да се случи во овој момент“, објасни американскиот новинар Шемс Чаранија кој прв ја објави информацијата.
Заедно со двете суперѕвезди, вклучени се уште тројца кошаркари и еден пик на драфтот. Во Лејкерс одат и Макси Клебер и Маркиф Морис, додека во спротивна насока ќе се упати Макс Кристи и Далас ќе добие пик во првата рунда на драфтот во 2029 година. Во трејдот е вклучена и Јута која ќе го добид Худ Скифин и два пика во втората рунда на драфтот во 2025 година, по еден од Далас и Лејкерс.


