Светот се уште е во шок по трејдот што го реализираа Лос Анџелес Лејкерс и Далас Маверикс, а во кој главни ѕвезди беа Ентони Дејвис и Лука Дончиќ.
Неверојатно звучи податокот дека трејдот го замислил и предложил менаџментот на франшизата од Тексас, а прв меѓу нив генералниот менаџер Нико Херисон. Токму тој го објасни потегот кој за најголемиот дел од навивачите на Маверикс е тотално несфатлив.
„Верувам дека одбраната освојува титули, добивме еден од најдобрите одбранбени играчи во лигата и кошаркар кој ќе влезе во историјата на НБА. Таков кошаркар со менталитет насочен на одбрана ни дава поголеми шанси. Изградени сме да победуваме сега, но и во иднина“, изјави Херисон.
Дончиќ постојано добиваше критики за тоа што не игра добро во одбраната и дека поради тоа тимот не може да освои шампионска титула. Од друга страна, под негово водство лани Далас стигна во финалето на НБА, првпат по пауза од 13 години.


