Иако го потресе целиот свет, трејдот на Лука Дончиќ не е толкаво изненадување бидејќи беше најавен пред повеќе од четири месеци.
Американскиот новинар Кевин Оконор тогаш откри информации од Лејкерс дека словенечкиот ас е една од целите на франшизата од Калифорнија.
„Добив информации од редовите на Лејкерс дека веќе го посочиле Дончиќ за главна ѕвезда во иднина. Ќе видиме како ќе функционира тоа, Далас играше во финалето минатата сезона и направи одличен тим околу Лука, па можеби планот на Лејкерс нема да успее. Сепак, јасно е дека таму веќе размислуваат за иднината и водат сметка за пиковите на следните драфтови. Леброн Џејмс повеќе не е прв приоритет“, рече тогаш Оконор.
Единствената разлика со сегашниот развој на настаните е во тоа што Лејкерс требало да тргнат по Дончиќ откако Леброн ќе се пензионира. Оконор тогаш рече и дека на Лејкерс ќе им биде тешко да го донесат Словенецот, а излезе дека тој им е даден како подарок од генералниот менаџер на Далас.


