Словенечката суперѕвезда Лука Дончиќ денеска официјално беше претставен како нов играч на Лос Анџелес Лејкерс, два дена откако беше вклучен во трејдот во кој, меѓу другото, во Далас Маверикс замина Ентони Дејвис.
Еден од најдобрите играчи во НБА призна дека му требало многу време да процесира се што се случило и да прифати дека мора да ја промени средината. Сепак, во Лејкерс оди со највисоки амбиции и подготвен да се бори за шампионска титула.
„Одлуката за трејд беше на раководството на Далас и јас немам коментар на тоа. Со Лејкерс сакам титула, овде не се доаѓа за ништо друго, освен за титула. Имам се да покажам и докажам и сакам само трофеј. Морам да признаам дека ова ми е остварување на сонот, секогаш му се восхитував на Леброн и имам многу работи да научам од него. Возбуден сум што ќе соработуваме и секој ден ќе бидеме се подобри.
Што се однесува до трејдот, сите беа изненадени на почетокот, а можете да замислите како ми беше мене. Кога се разбудив, не верував, мислев дека е 1 април. Овие 48 часа ми траеја како цел месец“, рече, меѓу другото, Дончиќ.
Во моментов тој е повреден и не играл од Божиќ, а дебито за својот нов тим се очекува да го забележи кон крајот на оваа или почетокот на идната недела.


