Оклахома Сити Тандер го растури Феникс со 140-109, а централна фигура на мечот повторно беше канадската суперѕвезда Шеј Гилџес-Александер.
Тој го одбележа натпреварот со 50 постигнати поени, а интересно е тоа што тренерот Дејно му даде минути во финишот за да ја стигне оваа бројка и покрај тоа што победникот веќе беше одлучен. Ова е трет пат сезонава Гилџес-Александер да постигне 50+ поени, а интересно е тоа што сите три се во последните 15 дена и на последните седум меча на Оклахома.
Со тоа стана само деветти кошаркар во историјата на НБА лигата кој во период од седум натпревари успеал три пати да постигне по 50 или повеќе поени. Пред него, тоа го направија неколку мега-ѕвезди во НБА: Карим Абдул Џабар, Елџин Бејлор, Коби Брајант, Вилт Чембрлен, Лука Дончиќ, Џејмс Харден, Мајкл Џордан и Дејмијан Лилард.


