Екипите на Партизан и Црвена Звезда очекувано се пласираа во финалето од Купот на Србија и утре ќе си ги одмерат силите во уште еден меч за трофеј.
Двете екипи славеа речиси идентични победи, Звезда против ФМП со 84-63, а Партизан против Мега со 83-63. Со оглед на тоа што немаше неизвесност во ниеден од двата меча, вниманието го привлече изјавата на Жељко Обрадовиќ по дуелот со Мега, во кој го спомна и утрешниот ривал, се разбира, во негативен контекст.
„Обидете се да најдете уште еден турнир во Купот во Европа каде една екипа игра три дена по ред. Јас се обидов и не најдов. Се е на страната на Звезда, ждрепката е таква, некоја ја влечел, ги влечел и судиите…“, рече Обрадовиќ.
Всушност, од кошаркарските велесили, во шпанскиот Куп има ситуација која е слична на српскиот бидејќи Реал и Гран Канарија играа денеска, утре ќе се сретнат во полуфиналето, а в недела еден од нив ќе настапи во мечот за трофејот.


