Како што заминаа на Ол стар паузата, Лејкерс така и се вратија – со пораз од еден од најслабите тимови во лигата.
Минатата недела загубија од Јута во Солт Лејк Сити, а утринава се поразени на домашен терен од Шарлот, претпоследниот тим на табелата во источната конференција, во единствениот натпревар од ноќешната програма во НБА. Аутсајдерот славеше со 100-97, но не толку поради својата добра игра, колку поради очајното издание на Лука Дончиќ и остатокот од екипата.
Словенецот имаше ужасно шутерско издание и јасно е дека се наоѓа далеку од посакуваната форма. Од игра погоди само 5/18, а за тројка беше посебно непрецизен, едвај 1/9, плус загуби шест топки. Ситуацијата можеше да ја спаси Леброн Џејмс, но во клучните моменти и тој два пати промаши за израмнување и Шарлот се израдува на неочекуваната победа.
Мајлс Бриџис и Ламело Бол беа најзаслужни за неа, првиот постигна 29, а вториот 27 поени што значи дека тие двајцата реализираа повеќе од половина поени на Хорнетс. Леброн Џејмс ги предводеше Лејкерс со 26 поени, 11 асистенции и 7 скока, а Дончиќ и покрај лошото издание, беше блиску до трипл дабл, постигнувајќи 14 поени, 11 скока и 8 асистенции.


