Поради обврски кон својот тим во НЦАА, Андреј Јакимовски не е со македонската репрезентација на последните два натпревара од квалификациите за Европското првенство, но затоа синоќа блескаше во дресот на Колорадо.
Бафалос славеа на домашен терен против Бејлор со 76-74, а нашиот репрезентативец беше најефикасен играч во својата екипа со 17 поени од кои 15 постигна со удари за тројка. Додаде уште седум скока и пет асистенции со што го направи овој натпревар еден од своите најдобри сезонава во НЦАА.
За добрата партија, Јакимовски имаше посебна инспирација бидејќи првпат откако игра во САД, во живо го следеше неговиот татко. Лани, кога се простуваше од Вашингтон Стејт, на церемонијата присустуваа брат му и мајка му, но татко му сега ја имаше таа можност да гледа натпревар во НЦАА.


