Младиот македонски стручњак Владимир Мирковски денеска ја оствари својата прва победа како тренер на Војводина.
Во рамките на 22. коло од Кошаркарската лига на Србија, тимот од Нови Сад го совлада поранешниот АБА-лигаш Металац со 90-76 и се задржа на првото место на табелата. Војводина има биланс 16/6 и е многу блиску до обезбедување пласман во Суперлигата.
Мирковски го презеде тимот на почетокот од февруари и досега ја водеше Војводина на три меча. Во четвртфиналето од српскиот Куп по голем отпор загуби од Партизан, а минатата недела доживеа пораз од Слобода на дебито во КЛС.
Победата на Војводина добива на значење бидејќи Мирковски ја одигра со само 8 кошаркари во ротација (поради вирус недостасуваа тројца стандардни првотомци). Триумфот е многу важен за кревање на самодовербата пред исклучително напорниот месец март во кој екипата ја очекуваат осум натпревари во домашното првенство и АБА 2. Првиот од нив е веќе во вторник, против Цедевита Јуниор во Загреб во рамките на регионалното натпреварување.


