Македонскиот стручњак Владимир Мирковски вечерва за првпат во својата кариера водеше екипа во АБА 2 лигата и успеа да слави победа на дебито.
Неговата Војводина оствари исклучително важен триумф на гостувањето кај Цедевита Јуниор, победувајќи со 76-73 со што направи голем чекор кон полуфиналето од регионалното натпреварување. Победата добива на значење ако се знае дека на шест минути пред крајот Цедевита Јуниор водеше со 71-60, а во тимот на Војводина недостасуваше безмалку половина екипа. Во клучните моменти, Мирковски остана мирен и го одведе тимот од Нови Сад до триумф.
По три одиграни натпревари, Војводина има максимален ефект, но работата не е завршена бидејќи во вториот дел од групната фаза треба да гостува кај Илирија и Широки Бријег.
За Мирковски, ова е втора победа како тренер на Војводина откако во петокот славеше во српското првенство против Металац.


