Екипата на Лос Анџелес Лејкерс го доживеа првиот пораз во март откако ноќеска загуби на гостувањето кај Бостон со 101-111.
Со тоа ја прекина серијата од осум победи, благодарение на која стигна во борба и за втората позиција во Западната конференција што на почетокот на сезоната се чинеше незамисливо. Бостон е сигурен на второто место на Истокот, а против Лејкерс ја оствари четвртата победа во низа.
Еден од клучните елементи за поразот на Лејкерс беше повредата на Леброн Џејмс кој на нешто помалку од седум минути пред крајот мораше да го напушти теренот и повеќе не се врати во игра. Во тие моменти Лејкерс имаа негатива од 85-92, па Бостон го искористи неговото неиграње за мирно да го приведе мечот кон крајот. Сепак, треба да се истакне на почетокот од последниот период Бостон водеше со 87-67, а гостите потоа успеаја да се доближат на само четири поени разлика (92-96).
Џејсон Тејтум беше најдобар играч на мечот со 40 постигнати поени или повеќе од третина од вкупниот број на Бостон. Истото може да се каже и за Лука Дончиќ кој застана на 34 поени и 8 скока, но и само 3 асистенции. Да останеше во игра до крајот, Леброн веројатно ќе оствареше трипл дабл бидејќи му недостасуваше едно додавање за тоа (22 поена, 14 скока, 9 асистенции).
Бостон за неполна недела успеа да совлада две од трите најдобри екипи во Западната конференција откако пред шест дена беше подобар од Денвер на домашен терен.
РЕЗУЛТАТИ:
Шарлот – Бруклин 105-102
Хјустон – Њу Орлеанс 146-117
Атланта – Индијана 120-118
Торонто – Вашингтон 117-118
Мајами – Чикаго 109-114
Милвоки – Орландо 109-111
Бостон – ЛА Лејкерс 111-101
Голден Стејт – Детроит 115-110


