Два дена откако Оклахома Сити Тандер убедливо го совлада Денвер Нагетс, шампионот од 2023 година на истиот терен возврати на сличен начин.
Можеби не толку убедливо, но сепак го совлада најдобриот тим во Западната конференција со 140-128. За разлика од неделниот меч, сега блескаше Никола Јокиќ кој ја доби битката со Шеј Гилџес Александер, постигнувајќи 35 поени, 18 скока и 8 асистенции.
До финишот на третата четвртина, Оклахома го диктираше темпото, но последните 12 минути му припаднаа на Денвер со 39-28 за пресврт и убедлива победа. Се беше решено по тројките на Вестбрук и Вотсон по кои Нагетс поведоа со недостижни 125-111.
Покрај Јокиќ, кај Денвер се истакна и Мареј кој постигна 34 поени, Портер додаде 17, а Вестбрук и Вотсон по 16. Денвер со овој триумф му избега на Лос Анџелес Лејкерс на две победи, во битката за второто место на Западот. Кај Оклахома, најефикасен беше Дорт, додека Гилџес Александер беше далеку под нивото, постигнувајќи само 25 поени со едвај 14 шута, за разлика од претходниот меч на кој имаше 32. Сепак, Оклахома е убедлив лидер на Западот и само чудо може да ја спречи да го освои првото место на крајот од основниот дел од сезоната.
РЕЗУЛТАТИ
Атланта – Филаделфија 132-123
Бостон – Јута 114-108
Бруклин – ЛА Лејкерс 111-108
Мајами – Шарлот 102-105
Торонто – Вашингтон 119-104
Чикаго – Индијана 121-103
Хјустон – Орландо 97-84
Мемфис – Феникс 120-118
Оклахома – Денвер 127-140
Сан Антонио – Далас 129-133
Голден Стејт – Портланд 130-120
Сакраменто – Њујорк 104-133


