Навивачите на Лос Анџелес Лејкерс беа воодушевени што на синоќешниот дуел против Чикаго Булс се врати Леброн Џејмс, но место продолжување на победничката серија, тимот од Калифорнија доживеа катастрофален пораз.
Булс славеа во некогашниот класик со 146-115, играјќи го можеби најдобриот натпревар оваа сезона. Триумфот добива на значење ако се знае дека синоќешниот меч беше петти на гостински терен во последните осум дена за Чикаго и остварен е без Тре Џонс, Ајо Досунму и Лонзо Бол.
И Лејкерс имаа две исцрпувачки недели, но тоа не е оправдување бидејќи на претходниот натпревар не играше безмалку цела стартна постава. Дончиќ и Ривс го одржуваа тимот во првото полувреме, но во второто Чикаго постигна 81 поен и буквално го растури фаворизираниот домаќин.
Коби Вајт одигра извонреден натпревар, постигнувајќи 36 поени со шут од игра 12/17, Бузелис се истакна со 31 поен, а Гиди оствари трипл дабл со 15 поени, 10 скока и 17 асистенции. Лука Дончиќ продолжи со одличните настапи во дресот на Лејкерс и реализира 34 поени, но тоа не беше доволно за победа. Леброн Џејмс на теренот помина 31 минута и за тој период постигна 17 поени.


