Менаџментот на Мемфис Гризлис ја изненади кошаркарската јавност во САД, а особено своите навивачи откако денеска го отпушти својот тренер Тејлор Џенкинс.
Одлуката е во најмала рака чудна ако се знае дека до крајот на основниот дел од сезоната има уште девет натпревар, а Џенкинс воопшто немаше лоши резултати досега. Доказ за тоа е фактот што се наоѓа на делба на четвртата позиција во Западната конференција, со Лос Анџелес Лејкерс, со биланс 44/29 и шанси да се вмеша во борбата дури и за второто место.
„Искрено го ценам придонесот на Тејлор во овој тим и овој град. Одлуката е тешка со оглед на развојот на нашите играчи и вкупниот успех под водство на Тејлор на кого му посакувам се најдобро во иднина“, порача генералниот менаџер на Гризлис, Зек Клајман во официјалната изјава.
Џенкинс го водеше Мемфис од 2019 година и тоа беше негов прв самостоен тренерски ангажман во кариерата. Три пати го однесе тимот до плејофот, но само во 2022 година ја помина првата рунда. Испразнетото тренерско место ќе го пополни досегашниот помошник Томас Исало, познат како поранешен предводник на Телеком Бон и Париз со кои имаше големи успеси во европската кошарка.


