Лос Анџелес Лејкерс никако не успева да влезе во победнички ритам во финишот од сезоната и тоа може скапо да го чини во конечниот пласман.
Во дербито на Калифорнија, Леброн и компанија загубија од Голден Стејт со 116-123 и не ги искористија киксовите на Денвер, па и натаму се на четвртото место на Западот и би можеле во првата рунда од плејофот да играат токму против денешниот ривал. Дуелот наликуваше на директна пресметка меѓу Стеф Кари и Леброн Џејмс, особено во третата четвртина во која играчот на Голден Стејт постигна 13 поени по ред, а ѕвездата на Лејкерс 12 од првите 14 поени за својот тим. На крајот Кари заврши со 37, а Леброн со 33 поени.
Катастрофален шутерски ден имаше Лука Дончиќ кој постигна 19 поени, но ги промаши сите шест обиди за тројка и првпат по две години одигра натпревар без реализиран шут за три поени. Неговата серија со најмалку една тројка траеше 114 натпревари.
На шест меча до крајот на основниот дел од сезоната, Лејкерс се четврти со 46/30, а Вориорс, кои се во серија од четири победи, имаат само една победа помалку. Тука се и Минесота и Мемфис кои имаат по 45 триумфи, но и натпревар повеќе, па јасно е дека во последната недела ќе се води жестока борба за местата кои водат во плејофот.
РЕЗУЛТАТИ
Филаделфија – Милвоки 113-126
Вашингтон – Орландо 97-109
Бруклин – Минесота 90-105
Мајами – 108-110
Торонто – Портланд 103-112
ЛА Лејкерс – Голден Стејт 116-123


