На пет дена пред крајот на основниот дел од сезоната, Денвер Нагетс ја потресе НБА откако одлучи да ги избрка тренерот и генералниот менаџер.
Мајк Мелоун беше на тренерската позиција точно една деценија, а во 2023 година му ја донесе на тимот шампионската титула, прва во историјата на франшизата. Оваа сезона резултатите не беа според очекувањата, а во моментов Денвер е во серија од четири порази, поради што во прашање е доведен и пласманот во плејофот.
Заедно со него, од Денвер си оди и генералниот менаџер Калвин Бут кој веројатно е најголем виновник за моменталната ситуација во тимот затоа што последните години не успеа да задржи неколку важни играчи, а потоа не најде соодветни замени за нив. Тој беше на позицијата од јули 2020 година, учествуваше во освојувањето на шампионската титула, но не направи тим кој ќе го искористи потенцијалот на најдобриот играч во НБА, Никола Јокиќ и ќе создаде династија во лигата.
Сепак, спорен е моментот во кој се случува оваа чистка во Денвер Нагетс бидејќи тимот идната недела треба да го почне својот настап во плејофот или плејинот.


