Одлуката на сопствениците на Денвер Нагетс да го избркаат тренерот Мајк Мелоун, може да донесе сериозни импликации врз тимот во иднина.
Угледниот американски портал Атлетик кој добро ги познава работите во НБА, тврди дека не е исклучено првата ѕвезда на тимот, Никола Јокиќ да си замине оттаму оваа или идната година, во потрага по тим со кој ќе атакува на шампионската титула. За многумина вакво сценарио е нереално, но така беше и кога лани се шпекулираше за трејд на Лука Дончиќ во Лејкерс, па на крајот тоа се оствари.
„Јокиќ е фрустриран од залагањето на неговите соиграчи во одбраната, како и целокупниот перформанс во текот на сезоната“, тврди Атлетик.
Вакво развој на настаните би бил нереален само поради една работа: ако Јокиќ се пресели во кој било друг тим, нема да може да потпише супермакс договор, а тоа се околу 400 милиони долари. Единствено ако се повтори приказната со Дончиќ, менаџментот на Денвер да сака да се спаси од таков договор и да го прати во друг тим, тогаш Лејкерс би можеле да стапат на сцена и, конечно, да ги спојат двата аса од просторите на поранешна Југославија.


