Поранешниот европски шампион Босна оствари сензационална победа во првиот полуфинален натпревар од АБА 2 откако вечерва ја совлада Војводина во Нови Сад со 92-91.
Мечот траеше 50 минути бидејќи се играа две продолженија, а Војводина пропушти шанси и во основниот дел и во финишот да дојде до победата со која ќе поведе во серијата. На 15 секунди пред крајот на второто продолжение, српскиот тим, на чија клупа е македонскиот стручњак Владимир Мирковски, водеше со 91-90 и имаше напад, но ја загуби топката, екс-играчот на МЗТ Скопје, Харис Делалиќ беше фаулиран и погоди две слободни фрлања за водство на Босна.
На домаќините им остана доволно време за напад, Смит искреира акција за Филип Ребрача, но синот на легендарниот кошаркар не успеа да погоди скок-шут и босанскиот претставник се израдува на големиот триумф
Босна сега води со 1-0 и идниот четврток на домашен терен, во салата Скендерија има можност да обезбеди пласман во големото финале, а со тоа да дојде на чекор од учество во елитната дивизија на АБА. Мирковски и Војводина немаат друг избор, освен да триумфираат што воопшто нема да биде лесно бидејќи е јасно дека ги очекува пекол во Сараево.
Интересно е тоа што речиси сите љубители на кошарката во регионот беа сигурни дека финалето во АБА 2 ќе биде српско, односно дека во него ќе играат Златибор и Војводина. По првите натпревари, двете екипи се во негатива бидејќи Златибор синоќа загуби на домашен терен од Илирија, а Војводина вечерва од Босна.


