Раководството на актуелниот македонски првак МЗТ Скопје испратило барање, идната сезона да учествува во елитната конкуренција од АБА лигата, во случај да дојде до проширување, односно зголемување на бројот на екипите, тврдат медиумите во регионот.
Заедно со нашиот клуб, такво барање има и од Клуж, Виена, како и Абу Даби од каде има заинтересирани за место во регионалното натпреварување. На крајот, има и други екипи и од АБА 2 лигата кои сакаат да учествуваат во елитата, а таму допрва треба да се одигра завршниот дел. Пред две недели се зборуваше дека Босна е сигурен учесник во АБА лигата со специјална покана, но поранешниот европски шампион има шанса да дојде дотаму како шампион на АБА 2 бидејќи во полуфиналната серија против Војводина води со 1-0, по триумфот во Нови Сад.
В понеделник требаше да биде продолжено Собранието на АБА лигата кое почна на 2 април, но истото е презакажано за 16 април. Од канцеларијата на регионалната лига е проследен допис до сите клубови за ваквата одлука, но во него нема објаснување што е причината за новото одложување, па се шпекулира до дополнителни консултации за точките што треба да разгледаат и големото дерби меѓу Будуќност и Партизан кое се игра в понеделник во Подгорица.
Засега ништо не е променето, се уште е активен предлогот АБА да се прошири на 20 екипи со тоа што екипите ќе бидат поделени во две групи со по 10. Освен тоа, треба да се укине националниот клуч со што ќе се отвори можност неограничен број екипи од една држава да учествуваат во елитната конкуренција.
МЗТ Скопје последен пат учествуваше во АБА лигата во сезоната 2022/23 кога го освои последното место и се пресели во понизок ранг. Оттогаш имаше шпекулации дека би можел да влезе како замена за некој од клубовите кои се во финансиска криза (Цибона, Морнар…), но такво нешто не се случи. Оваа сезона беше катастрофална за македонскиот првак во АБА 2, имајќи предвид дека испадна уште во првата фаза иако беше сметан за еден од фаворитите за највисок пласман.


