Вечерва официјално завршува основниот дел од сезоната во НБА лигата и ќе се знае конечниот редослед на екипите на табелата.
Лос Анџелес Лејкерс се среќава со Портланд во мечот кој нема никакво резултатско значење затоа што тимот од Калифорнија не може ни погоре, ни подолу од третото место, додека противникот ги загуби шансите за пласман во доигрувањето. Извесно е дека најголемите ѕвезди во тимот ќе добијат одмор или помала минутажа, но без оглед на се, Леброн Џејмс ќе прекине една серија која траеше 20 години.
Првпат од неговата дебитантска сезона (2003/04), тој ќе има помал просек од 25 поени на натпревар бидејќи во моментов е на 24,4 и за да стигне до 25, вечерва треба да постигне 68 поени. Во неговата прва сезона во НБА, тој просечно постигнуваше по 20,9 поени и тоа останува како најслаб ефект во кариерата.
Сепак, јасно е дека и овие 24,4 поени на натпревар се одличен ефект за еден 40-годишник кој се уште не планира да ја заврши кариерата. Со ваков просек, Леброн е на делба на 11. место на листата на стрелците во НБА, со Карл Ентони Таунс и Стеф Кари кои имаат идентичен ефект.


