Невидена хипокризија покажа сопственикот на Денвер Нагетс, Џош Кренке на денешната прес-конференција, свикана со цел да ги објасни последните случувања во и околу тимот.
Како што е познато, минатата недела тој им додели отказ на тренерот Мајк Мелоун и генералниот менаџер Калвин Бут што предизвика земјотрес во НБА. За среќа, екипата оттогаш забележа три победи по ред и обезбеди пласман во плејофот и тоа од четвртата позиција што значи дека ќе има предност на домашен терен во првата рунда. Кренке на прес-конференцијата му се извини на Мелоун, но призна дека одамна сакал да го отпушти што предизвика чудење кај цела кошаркарска јавност во САД.
„Искрено, ниеден од нив двајца не заслужи отказ и јас се извинувам за тоа. Морац да бидам подобар во одредени моменти. Некаде околу Денот на благодарноста почувствував дека работите не одат во насоката која ја сметав за прифатлива. Што ќе беше полудо, да го направев она што го направив минатата недела или кога екипата беше во серија од осум победи?“, рече Кренке.
Со оглед на тоа што стануваше збор за финиш од сезоната, за нов тренер беше назначен досегашниот помошник Дејвид Аделман, додека Бен Тензер ќе биде привремен генерален менаџер.


