Ниедна од српските екипи, кои важеа за фаворити во полуфиналните дуели, не успеа да се пласира во големото финале од АБА 2.
Откако вчера Илирија го елиминира Златибор, вечерва Босна ја совлада Војводина со 75-66 и со вкупни 2-0 обезбеди место во серијата за титулата во ова натпреварување. Тимот од Нови Сад, на чија клупа е македонскиот стручњак Владимир Мирковски, својата шанса ја пропушти минатата недела на домашен терен, па денеска, пред 5.000 гледачи во Скендерија, не успеа да се избори за „мајсторка“.
Одлучи катастрофалниот шут на играчите на Војводина кои за тројка имаа очајни 4/31.
Филип Ребрача беше најдобар со 15 поени и 14 скока, но тоа е слаба утеха откако минатата недела беше трагичар за својот тим.
Илирија ќе има шанса да ја продолжи доминацијата на словенечките клубови во АБА 2 имајќи предвид дека од шест титули, тие освоија три. Ако слави Босна, ќе стане првиот тим од БиХ со трофејот во ова натпреварување.


