Една од најголемите ѕвезди во НБА во моментов Кевин Дурант претстојново лето многу веројатно повторно ќе го смени тимот откако се покажа неуспешна неговата соработка со Феникс Санс.
Тој 2,5 години беше член на тимот од Аризона, но Феникс во овој период не успеа да се вмеша во борбата за титулата, а оваа сезона дури не влезе ни во плејофот. И сопственикот на Санс неодамна изјави дека ќе има големи промени во екипата, а покрај Дурант, се очекува да си заминат и други важни играчи во тимот по што составот ќе се гради на Девин Букер.
Како што сега стојат работите, најреална опција за продолжување на кариерата на Дурант е Хјустон Рокитс. Од тимот од Тексас постои интерес за ветеранот и се очекува по завршувањето на сезоната да почнат преговори.
Дурант има уште една година од четиригодишниот договор, вреден 194 милиони долари, а последната сезона ја заврши со просек од 26,6 поени, 6 скока и 4,2 асистенции.


