Најинтересната и најизрамнета серија во првата рунда од плејофот, меѓу Денвер и Лос Анџелес Клиперс продолжи ноќеска со вториот меч, одигран во Колорадо.
Повторно беше драматично до крајот, но овојпат славеа гостите со 105-102 и израмнија на 1-1. За разлика од првиот натпревар, кога Клиперс подобро отворија, сега тоа го направи Денвер кој имаше и осум поени предност во првата четвртина за гостинскиот тим подоцна да ја преземе контролата над резултатот и да го диктира темпото до средината на третиот период кога Расел Вестбрук со две тројки донесе израмнување.
Израмнето беше се до последните секунди, по тројката на Мареј на две минути пред крајот, резултатот беше 100-100, но со иста мерка врати Пауел за водство на Клиперс. Во следниот напад Јокиќ погоди две слободни фрлања, за на спротивната страна Ленард со кош од полудистанца да ги врати гостите на +3. Клиперс имаа шанса нешто подоцна да стават и точка на мечот откако Ленард ја украде топката по лошото додавање на Јокиќ, но Харден не погоди и ја задржа драматиката.
Нагетс добија последна шанса за израмнување и продолжение, но Браун прво беше непрецизен, а по офанвизниот скок и Јокиќ едвај успеа да го погоди обрачот и победата замина во Калифорнија каде ќе се играат следните два натпревара од серијата.
Кавај Ленард одигра фантастичен натпревар и постигна 39 поени со извонреден шут од игра (15/19), вклучувајќи четири тројки од седум шута. Јокиќ на спротивната страна оствари трипл дабл со 26 поени, 12 скока и 10 асистенции.


