Екипата на Детроит Пистонс направи брејк во серијата со Њујорк Никс откако ноќеска славеше во Медисон Сквер Гарден со 100-94 и израмни на 1-1.
Тимот од Мичиген го диктираше темпото речиси цел натпревар, но како и на првиот меч, му дозволи на домашниот тим да се врати во игра во финишот и да израмни на 94-94 на нешто повеќе од минута пред крајот. Сега Пистонс не дозволија Њујорк да направи серија од 21-0 како два дена претходно, Шрудер на 55 секунди погоди тројка и таа се покажа клучна за триумфот на неговиот тим.
Ова е прва плејоф победа за Детроит по пауза од 17 години, односно по сезоната 2007/08. Тогаш Пистонс беа елиминирани во конференциското финале од Бостон со 2-4, а од таа сезона само уште три пати играа во плејофот (во 2009, 2015 и 2019 година) и во сите наврати загубија со 0-4. До синоќа беа во серија од 15 порази во плејоф натпреварите.
Кејд Канингем беше најефикасен кај Детроит со 33 поени, додека на спротивната страна блескаше Џејлен Брансон со 37. Следните два меча од серијата се играат на теренот на Пистонс.


