Можноста за проширување на АБА лигата донесе радост кај голем број клубови во регионот, но не и кај поранешниот европски шампион Цибона чие раководство планира да го напушти ова натпреварување.
Хрватскиот Вечерњи лист тврди дека во Цибона се незадоволни од третманот на АБА кон нив и се кулминирало со последните одлуки на Собранието на АБА на која беше донесена одлука, од идната сезона лигата да може да биде проширена до 20 учесници. Загрепскиот тим е еден од основачите и поранешен освојувач на титулата во АБА, но последните години е далеку од своето реноме и буквално живурка во оваа конкуренција. Во моментов се наоѓа на претпоследното место на табелата и, според актуелните правила, треба да игра бараж со вицешампионот од АБА 2. Во случај на пораз ќе може да го задржи местото во елитата, но за тоа ќе треба да плати 400 илјади евра што за Хрватите е неприфатливо, токму поради тоа што се коосновачи на лигата.
„За луѓето во Цибона, кои ионака подолго време размислуваат дали им е потребно учество во ваква лига или е подобро да играат во европските натпреварувања, овој став ја прели чашата. Четврт век регионална лига, хрватската кошарка ја направи полоша отколку што беше порано иако тоа не е единствената причина. Цибона би можела да го повлече првиот потег и ова е првпат некое раководство на клубот да не молчи и да не клима со главата“, пишува, меѓу другото, во текстот.
И пред неколку години имаше иницијатива хрватските клубови да ја напуштат АБА и да одат во други регионални натпреварувања, Федерацијата нудеше по милион евра за тие што ќе играат во ФИБА, но никој не излезе од АБА. Нејасно е што во иднина ќе се случи со другите два хрватски претставника во ова натпреварување Задар и Сплит кои, исто така, немаат забележителни резултати долго време.


