Хјустон Рокитс го победи Голден Стејт со 109-94 и израмни на 1-1 во четвртфиналната серија од Западната конференција.
Домаќините многу рано, уште во втората четвртина направија висока предност со 20 поени разлика која потоа успеаја да ја задржат без поголеми проблеми. Грин одигра одличен натпревар, постигнувајќи 38 поени, а Шенѓун оствари дабл дабл со 17 поени и 16 скока, додека Кари беше најефикасен кај Вориорс со 20 поени. Со оваа победа Хјустон си обезбеди враќање на серијата на домашен терен бидејќи следните два меча се играат на теренот на Голден Стејт.
Бостон и Кливленд немаа поголеми проблеми и водат со 2-0 по воведните два натпревара од своите плејоф серии против Орландо, односно Мајами.
Бостон славеше во дуелот со Орландо со 109-100 и е на половина пат од пласман во следната рунда. Актуелниот шампион беше во водство цел натпревар и не дозволи гостинскиот тим во ниеден момент да ја загрози победата. Џејлен Браун беше најдобар играч со постигнати 36 поени и 10 скока, додека Паоло Банкеро го предводеше Орландо со 32 поена, 9 скока и 7 асистенции.

Кливленд ја заврши својата работа во втората четвртина која ја доби со 43-27 за на крајот да триумфира со 121-112 против Мајами. Донован Мичел блескаше со 30 поени, додека Тајлер Хиро беше најефикасен во поразениот тим и воопшто на мечот со 33 поени.
РЕЗУЛТАТИ
Бостон – Орландо 109-100 (2-0)
Кливленд – Мајами 121-112 (2-0)
Хјустон – Голден Стејт 109-94 (1-1)


