Поранешниот европски шампион Цибона го победи Осиек со 148-38 во 31. коло од хрватското кошаркарско првенство.
Тоа е рекорд во шампионатот на оваа земја, а треба да се истакне дека повеќе од половина од поените (20), Осиек постигна во последната четвртина. Иако овој резултат одекна низ Европа, тој нема ни приближно таква вредност каква што се чини на прв поглед. Екипата на Осиек од пред две недели игра со комбиниран состав од јуниорскиот и кадетскиот тим затоа што претседателот на клубот и главен спонзор Александер Хркач го распушти сениорскиот ростер од протест кон Хрватскиот кошаркарски сојуз.
И иако победи со 110 поени, Цибона воопшто не го потцени противникот, ниту имаше желба да го понижи. Тренерот Јосип Сесар играше со само седум кошаркари, но тие беа крајно мотивирани да ја подобрат својата статистика и изгинаа на теренот против помладите ривали.
Така, 23-годишниот Иван Перасовиќ оствари рекорд на кариерата со 40 поени, 22-годишниот Лука Скориќ постигна трипл дабл со 27 поени, 13 скока и 10 асистенции, а Борна Катановиќ кој во јуни ќе наполни 18 години реализира 26 поени. Во тимот на Осиек имаше играчи меѓу 15 и 18 години, а наефикасен меѓу нив беше Мартиновиќ кој единствен постигна двоцифрен број поени (11).


