Иако во составот има две суперѕвезди, Лос Анџелес Лејкерс ја нема потребната ширина и долга клупа за да може да атакува на шампионската титула.
Тоа се покажа и на вчерашниот натпревар против Минесота на кој тренерот Џеј Џеј Редик целото второ полувреме го играше со иста петорка што не е забележано во историјата на НБА лигата. Постојано на паркетот беа Леброн Џејмс, Лука Дончиќ, Доријан Фини Смит, Остин Ривс и Руи Хачимура.
„Не планирав истата петорка да го одигра целото второ полувреме. На почетокот од последната четвртина ги прашав како се и им напомнав дека имаме уште два тајм аута. Им реков да пријави оној што ќе се умори, но никој не кажа ништо“, рече Редик.
Дончиќ тврди дека заморот не е причина за поразот од Минесота, туку две контроверзни судиски одлуки во последните 33 секунди. Лејкерс се во негатива од 1-3 во серијата со Тимбервулфс и немаат право на уште еден пораз.


