Иако имаше предност од 20 поени разлика, Бостон Селтикс доживеа пораз од Њујорк на домашен терен, во првиот натпревар од полуфиналната серија во Источната конференција.
Никс славеа со 108-105 по продолжение што е мало чудо ако се знае дека во третата четвртина, актуелниот шампион водеше со 75-55. Сепак, од тој момент, домашните играчи почнаа да дивеат по теренот, излегоа од својот систем и шутираа од каде ќе стигнат. Резултатот од тоа беше пресврт за Њујорк кој до крајот на основниот дел израмни на 100-100, па дури имаше и шут за победа, но Брансон не успеа да погоди флоутер преку Хорфорд.
Тоа што го испуштија во основните 48, Никс го направија во дополнителните пет минути кои ги отворија со серија од 6-0. Бостон веќе ја немаше течноста во играта, спасот го бараше во шутот од далечина, но не го најде и мораше да се помири со поразот.
Статистиката вели дека домашниот тим упати дури 60 шута за тројка, промаши 45 од нив, Браун имаше 1/10, Тејтум 3/15, а Вајт 5/16. Ниеден тим во историјата на НБА, во плејоф натпревар не промашил толку тројки, пред 20-тина години беше непоимливо и да се шутна толкав број на еден меч. Заедно со Њујорк, двете екипи упатија дури 97 удари од дистанца.
Ануноби и Брансон беа најзаслужни за победата на Њујорк постигнувајќи повеќе од половина од поените на нивниот тим, двајцата по 29. Браун и Тејтум имаа по 23 за Бостон, но спомнатите промашувања за тројка скапо го чинеа домашниот тим.


