Екипата на Голден Стејт направи брејк на стартот од серијата против Минесота Тимбервулфс, славејќи на гостински терен со 99-88.
Сепак, триумфот остана во сенка на повредата на првата ѕвезда во тимот Стеф Кари кој речиси сигурно ќе го пропушти вториот меч, а не е исклучено да не се врати на терените до крајот на серијата. Тој излезе од игра по нешто помалку од 13 минути откако почувствува болка во задната ложа. Денеска треба да биде извршени детални прегледи, но иако прогнозите се дека не станува збор за нешто сериозно, не е исклучено да паузира десетина дена, толку колку што останува од серијата меѓу Голден Стејт и Минесота.
„Дефинитивно сметаме дека нема да игра в четврток. Уште не знаеме, но кога е задната ложа во прашање, тешко е да се замисли дека брзо ќе се врати“, изјави тренерот на Голден Стејт, Стив Кер.
И без Кари, Вориорс одиграа одличен натпревар, во третата четвртина водеа и со 23 поени разлика, а Минесота дури во финишот успеа да го ублажи поразот.


