Екипата на Оклахома Сити Тандер израмни на 1-1 во серијата од полуфиналето на Западната конференција во НБА лигата откако во вториот меч на домашен терен го победи Денвер со 149-106.
Тимот кој го заврши основниот дел од сезоната како најдобар во лигата одигра фантастичен меч, поставувајќи притоа неколку рекорди. Најважен од сите, оној за постигнати поени во првото полувреме кој сега изнесува 87 поени со што го надмина досегашниот рекорд на Кливленд Кавалирс од 2017 година, а кој изнесуваше 86. За тоа се погрижи Чет Холмгрен кој на секунда пред крајот на полувремето погоди две слободни фрлања и го однесе својот тим на предност од 87-56. Уште тогаш беше јасно дека Денвер ќе доживее катастрофа на овој меч.
Интересно е тоа што Оклахома со овој триумф стана прв тим кој на домашен терен остварил победа во конференциското полуфинале од НБА иако се веќе одиграни седум натпревари.

Најдобар играч на натпреварот беше Шеј Гилџес Александер кој постигна 34 поени со одличен шут од игра (11/13) и ги погоди сите 11 слободни фрлања, па неговиот +/- изнесуваше 51. Расел Вестбрук го предводее Денвер со 19 поени, а Јокиќ додаде 17, но Србинот одигра исклучително лош меч.
Серијата сега се сели во Колорадо каде Нагетс ќе се обидат да го одбранат домашниот терен и со евентуални 3-1 да се вратат во Оклахома.


