Минесота Тимбервулфс поведе со 2-1 во полуфиналната серија од Западната конференција против Голден Стејт откако утринава како гостин славеше со 102-97.
Вориорс долго време го диктираа темпото и имаа резултат за победа, но во последната четвртина снемаа сили, му дозволија на противникот да ги добие тие 12 минути со 33-24 и да ги сврти работите во своја корист. Клучна се покажа серијата од 9-0 на Минесота во последната четвртина, а со кошот на Руди Гобер, гостите отидоа на недостижни +7 на две минути пред крајот на мечот.
Ова беше втор меч за Голден Стејт без првата ѕвезда во тимот Стеф Кари и втор пораз во серијата со Минесота. Кари би требало да се врати најрано на шестиот натпревар, но прашање е дали тимот од Сан Франциско ќе издржи дотогаш.

Ентони Едвардс беше најефикасен играч на мечот, со 36 поени. Џими Батлер одигра многу подобро отколку на првиот натпревар, постигна 33 поени со 7 скока и 7 асистенции, имаше помош и Куминга кој броеше до 30, но недоволно за да му донесат триумф на Голден Стејт.
Во првиот синоќешен натпревар, Бостон намали на 1-2 во серијата со Њујорк откако во Медисон Сквер Гарден славеше со 115-93.


