Актуелниот шампион Бостон и поранешниот првак Голден Стејт се во тотално незавидна ситуација по четири натпревари од конференциското полуфинале.
Бостон загуби на гости кај Њујорк со 113-121 и Никс сега имаат предност од 3-1, а дополнителен проблем е повредата на Џејсон Тејтум на минута пред крајот на мечот. Од четирите натпревари во оваа серија, овој беше прв на кој славеше домашниот тим.
Почетокот на натпреварот воопшто не навестуваше вакво сценарио, Бостон отвор одлично, во првата четвртина погоди девет тројки и постигна 39 поени со предност од 11 разлика која ја сочува до полувремето. Сето тоа отиде во неврат во третата четвртина која домаќините ја добија со 37-23, а во последните 12 минути го комплетираа пресвртот, трет пат во серијата со Бостон. До повредата, Тејтум постигна 42 поена и беше најефикасен на мечот, но Брансон со 39 поени и 12 асистенции и Таунс со 23 поени и 11 скока, сепак го однесоа Њујорк до триумфот.
Минесота максимално го користи неиграњето на Стеф Кари и со вториот брејк против Голден Стејт (117-110) дојде до водство од 3-1, па на следниот меч на домашен терен може да го потврди пласманот во финалето на Западот. Одлучи третата четвртина која Минесота ја доби со 39-17, па Вориорс не успеаја да го свртат резултатот во последните 12 минути.
Рендл и Едвардс беа незапирливи, постигнаа 31, односно 30 поени, додека далеку зад нив остана најдобриот кај Голден Стејт, Куминга со 22 поена. Мали се изгледите Кари да заигра и на петтиот меч бидејќи прогнозите се дека би се вратил во тимот во шестиот дуел.


