Поранешниот европски шампион Босна е шампион на АБА 2 лигата за оваа сезона откако во финалето ја совлада словенечка Илирија со 2-1.
Во „мајсторката“ одиграна вечерва во Скендерија во Сараево, пред рекордни 8.600 гледачи, Босна триумфираше со 88-74 и предизвика делириум кај своите навивачи кои долго чекаа ваков успех. Последен пат, сараевскиот тим играше во јадранската елита во сезоната 2009/10 кога го освои претпоследното место, но поради низа проблеми подоцна се откажа од учеството во неа, се досега.
Со тоа се остварени целите на градот Сараево кој пред почетокот на оваа сезона застана силно зад клубот, инвестираше во создавање силен тим, а главната цел беше влез во АБА лигата.
По долго време, БиХ ќе има два претставника во регионалното натпреварување, бидејќи Босна ќе ѝ се придружи на Игокеа која веќе има долг стаж во АБА лигата.


