Најинтересната серија во НБА плејофот, меѓу Денвер и Оклахома ќе доживее своја кулминација во „мајсторката“ откако шампионот од 2023 година победи со 119-107 во шестиот меч.
И покрај тоа што имаа многу големи проблеми, особено со Мареј кој е болен, Нагетс стиснаа заби и се изборија за седми натпревар во кој ќе се одлучува кој ќе излезе на мегдан на Минесота. Иако со симптоми на грип, Канаѓанецот одигра извонреден натпревар, шутираше, влегуваше, па дури и одигра добра одбрана и беше клучен фактор за победа на својот тим.
Првото полувреме го одбележаа големите осцилации бидејќи Денвер прво водеше со 10, а Оклахома потоа со 12 поени разлика, но клучна се покажа третата четвртина во која домашниот тим повторно отиде на +10. Во финишот, предноста изнесуваше и 16 поени (109-93) и веќе стана јасно дека ќе има „мајсторка“.

Никола Јокиќ беше блиску до трипл дабл, постигна 29 поени, 14 скока и 8 асистенции, но ако за него тоа е „нормален“ ефект, многу големо значење имаа 25. поени, осумте скока и седумте асистенции на Мареј. Гилџес-Александер беше прв стрелец на мечот со 32 поена.
Седмиот натпревар од оваа серија ќе се игра в недела од 21:30 часот. Ова е втора „мајсторка“ за Денвер во овогодишниот плејоф, но за разлика од пресметката со Клиперс во првата рунда, сега ќе мора да брка пласман во конференциското финале на гостински терен.


