Два дена по раскинот на соработката со Работнички, Горан Самарџиев најде нов ангажман со кој ќе биде зафатен во текот на летото.
Кавадарчанецот првпат во својата кариера ќе работи како селектор и тоа на У20 репрезентацијата на Македонија. На позицијата доаѓа на местото на Боро Смилковски кој лани ја водеше оваа селекција и тоа на Европското првенство што се одржа во Полска.
Македонија тогаш испадна и годинава ќе настапува во Б-дивизијата, а континенталниот шампионат во оваа конкуренција ќе се одржи од 11 до 20 јули во главниот град на Ерменија, Ереван. Нашата репрезентација се наоѓа во групата Ц, заедно со Швајцарија, Австрија, Холандија, Грузија и Данска.
Во комбинација за селекторската функција во У20 репрезентацијата повторно беше Смилковски, но и актуелниот тренер на МЗТ Скопје, Васко Атанасов кој ја одбил понудата.


