На општо изненадување, во финалето на Источната конференција оваа сезона ќе играат Индијана Пејсерс и Њујорк Никс.
Тоа се екипите кои во 90. години од минатиот век изградија специјално ривалство, среќавајќи се дури шест пати во плејофот во таа деценија. Иако сите пресметки беа исклучително интересни и драматични, повозрасните љубители на НБА се сеќаваат на серијата од 1995 година кога Индијана и Њујорк играа меѓу себе во полуфиналето на Истокот.
За разлика од сега, тогаш само еднаш екипите ја минаа границата од 100 поени и тоа на првиот меч кој заврши со брејк на Индијана од 107-105. Токму тој натпревар влезе во историјата на НБА како еден од најлегендарните поради рафалот на Реџи Милер. На помалку од 19 секунди пред крајот Њујорк водеше со 105-99 кога на сцена стапи Реџи со осум поени по ред, вклучувајќи две луди тројки. Во меѓувреме Џон Старкс, кој беше најефикасен играч на Њујорк на тој меч, промаши две слободни фрлања, а на крајот и Патрик Јуинг не успеа да погоди за израмнување.
Во таа серија Индијана водеше со 3-1 и имаше меч-топка на домашен терен, но загуби со 82-92 во шестиот меч и седмиот се играше на теренот на Њујорк. Како што почна серијата, така и заврши, Индијана направи брејк во Медисон Сквер Гарден, а трагичар беше Јуинг кој и покрај 29. поени и 14 скока, промаши положување со истекот на времето и Пејсерс славеа со 97-95 за пласман во финалето на Истокот.
Индијана и Њујорк се сретнаа во плејофот и лани и тогаш победија Пејсерс во седум натпревари. Предноста на домашен терен сега ќе ја имаат Никс кои во основниот дел од сезоната го освоија третото место на Истокот. Од играчите на двата тима, таа 1995 година биле родени само четворица од Њујорк (Делон Рајт, Пи Џеј Такер, Џош Харт и Камерон Пејн) и тројца од Индијана (Паскал Сијакам, Ти Џеј Меконел и Џејмс Џонсон).


