Оклахома Сити Тандер е втор финалист во Западната конференција откако вечерва убедливо го совлада Денвер во „мајсторката“ од меѓусебната серија.
Најдобриот тим во лигата по основниот дел од сезоната славеше со 125-93, но и тоа не е реална слика на односот на теренот бидејќи во финишот од мечот, разликата изнесуваше и 43 поени за домашниот тим (125-82). Во последните минути Денвер направи серија од 11-0 и барем делумно го ублажи поразот иако тешко дека може да стане збор за такво нешто.
Ќе остане запишано дека Оклахома ја оствари највисоката победа во историјата на НБА кога станува збор за седми натпревар од една серија, а во исто време обезбеди пласман во финалето на Западот, првпат по 2016 година.
Блескаше Шеј Гилџес Александер кој постигна 35 поени и можеби си ја запечати првата МВП титула во кариерата иако натпреварите од плејофот не се земаат предвид во изборот за ова признание. Тој беше далеку подобар во директниот дуел со својот единствен ривал Никола Јокиќ кој на пет од седумте натпревари од серијата не беше на своето ниво. Вечерва постигна 20 поени, 9 скока и 7 асистенции, но со само девет упатени шута за безмалку 37 минути на теренот. Оклахома заврши одлична работа со одбраната над него и уште еднаш му покажа на Денвер дека со актуелниот играчки кадар, без разлика што го има Јокиќ, не може да се надева на повторување на успехот од 2023 година.
Во финалето на Западот, Оклахома ќе ја има предноста на домашен терен против Минесота, но тешко дека ќе значи нешто бидејќи Вулфс играат одлично во овој плејоф.


